Кои се Quattroruote
Детроит 2010: Направете пат, економичните возила доаѓаат!
Објавено на: 08.02.2010
Четириесетината премиери 14 дена ги вртеа очите кон епицентарот на настаните со надеж дека светот што ќе се види од таму ќе биде подобар

По ланското губење на сјајот, салонот на автомобилите во Детроит како еден од најпрестижните автомобилски настани, со посилно темпо отколку автомобилската индустрија се поткачи на сцената од која го истуркаа банкарските малверзации и кризата предизвикана од нив.

После предизвикувачката година, автомобилската индустрија со нетрпение го очекуваше салонот во Детроит за да ги види сигналите што тој ќе ги прати. Единаесетти јануари беше Д-денот кога околу 5,5 илјади новинари од целиот свет се најдоа во со 3 милиони долари обновената Кобо арена, во потрага по трошките надеж во скромно скроените настапи и презентации, во кои за театралноста веќе нема место. Кратењето на трошоците стана национален спорт - се проценува дека годинава за салонот во Детроит изложувачите потрошиле и до 50% помалку од порано - 103 години старата салонска манифестација за прв пат по 1998 година не успеа да го наполни хотелот Marriott, каде останаа празни една третина од собите, кои наместо поранешните 400, сега се нудеа за 250 долари. Останаа многу празни места и во не толку елитните сместувачки капацитети - публиката која беше подготвена да одвои по 12 долари за влезница и 4 долари за хот-дог, се намали за дваесетина отсто во однос на добрите денови, и покрај можностите за "купи една - доби две" влезници овозможени од спонзорите на манифестацијата.

Ланската продажба од 10.431.509 нови возила во САД беше најмала после рецесијата од 1982 година. Падот на продажбата едвај се запре на 21% во однос на 2008 и 35% во однос на 2007 година, а по корекцијата на порастот на населението, испаѓа дека ланското опаѓање на продажбата е најголемо после втората светска војна. Прогнозите за годинава се движат меѓу 11,4 и 12 милиони возила.

Но, суштината на проблемот не е толку во вкупното опаѓање, колку во губењето на пазарот на домашните марки - минатата година трите американски производители имаат продадено за 6,8 милиони возила помалку отколку во 2000-та, кога држеа скоро две третини од 17,4-милионскиот пазар. Најдрастично е опаѓањето на продажбата на некогаш популарниот Ford Explorer, од кој во 2000 година се продадоа 445.157 примероци, а лани само 52.190, што е дури 88% помалку. Малку утеха нуди фактот што и најпродаваните далекуисточни возила се произведуваат на северноамериканскиот континент, така што опаѓањето на вкупното домашно производство не е пропорционално со опаѓањето на продажбата на домашните марки - од 84% во 2000 година, лани 74% од возилата не беа увозни. Заради сето ова, американската администрација лани вложи 120 милијарди долари во опоравувањето на автомобилската индустрија, од што ефектите допрва треба да се видат.

Сепак, навиките не се менуваат и мал дел од среќата сé уште е на страната на големата детроитска тројка, бидејќи и лани продажбата на возила од категоријата камиони (под што тие ги подразбираат пик-апите и теренските возила од сите големини) учествуваше со 45,4%, што е скоро на нивото од 2000-та, кога изнесуваше 48,3%. Јасно е дека деновите на бензинска благосостојба се поминати и дека нема да се повтори 2004 година, кога беа продадени 9,2 милиони возила од оваа категорија, што претставуваше 54% од вкупниот пазар. Затоа сега сите се вртат кон помалите и поекономични возила како искра на надеж за враќање во некаквиси нормални води на работење, иако сите истражувања на пазарот сé уште велат поинаку - публиката, навестувајќи среќен соживот на разните категории возила и по 2016 година, до кога производителите мора да ја спуштат просечната потрошувачка на своите гами на само 6,6 литри на 100 km, и на годинешниот Детроит најмногу се вртеше по мускулестите и поевтините луксузни возила, ставајќи ја на сериозен тест целокупната автомобилска индустрија. А таа годинава треба да ја покаже флексибилноста кон гласот на купувачот, бидејќи тој својот брод секогаш го насочува кон помирните води. Мноштвото интересни концепти ја имаа токму таа улога и беа причина за забележливиот недостаток на традиционално големиот број премиери на модели веќе подготвени за производство.


Volvo C30 electric


Audi e-Tron

Во тој контекст, настапувајќи на најголем штанд во својата историја, Ford со изложениот 81 модел и два робота донесени директно од производствените хали, покажа дека е вешт во одржувањето на балансот, а недостатокот од нови производи, и покрај силното влијание на Fiat, фрли поинаква светлина на способноста на Chrysler за преживување - на првите ефекти од здружувањето треба да се почека некоја година. Изненадувачки беше прогресот на GM во проветрувањето на гамите на марките што му останаа, а одлуката за згаснување на Pontiac и Saturn и продажба на Hummer и Saab ослободи малку простор за електричните возила.

За нив, организирани како специјална изложба наречена "електрична авенија", беше одвоен простор од 3.400 квадратни метри, кој како алтернативна влезница за враќање во старото друштво беше искористен и од некои пишман-производители кои лани не настапија. Така, опколени со дваесетина модели креирани од новите и слабо познати имиња, меѓу кои се најдоа и електричниот BYD e6 и хибридниот BYD F3DM од Кина, Nissan и Mitsubishi ги прикажаа електричните Leaf и MiEV. Електрични возила, иако сé уште не можат да се купат во слободна продажба, имаше и на штандовите на Volvo (C30 electric), Mini (E), Audi (втората концепт итерација на e-Tron), BMW (ActiveE базиран на купе верзијата на серијата 1) и Chrysler (чиј изложбен простор го употреби Fiat за промоција на електричниот 500).


Honda CR-Z


Volkswagen New Compact Coupe

Најголемиот проблем за електричните возила во моментов се акумулаторите, но и подготвеноста на купувачите да инвестираат во такво возило, што ја остава широко отворена вратата за хибридните автомобили кои во Детроит ги имаше многу: производствена верзија на Honda CR-Z, Volkswagen New Compact Coupe како најава за идната купе верзија на Jetta, помалиот брат на Prius, Toyota FT-CH, првиот хибриден Mercedes кој стигна до продажните салони S400 Hybrid, моделот од кој се очекуваат многу нешта, Chevrolet Volt, Cadillac XTS Platinum како идна замена за најголемиот седан во гамата на GM, веќе неколку пати по салони видениот Hyundai Blue-Will, како и мноштво модели кои веќе од порано се влезени во ценовниците на продавачите на автомобили.

На економичните трупи на автомобилската конфедерација во Детроит им се приклучија и екстремниот (со своите димензии) борец Chevrolet Spark, моделот Cruze кој премногу често се споменува и концептна RS верзија на идната генерација на Aveo, кој се очекува идната година. Под ознаките на "камионската" филијала GMC осамна малиот урбан кросовер Granite, кој инстантно беше прогласен за најдобар нов концепт на салонот, а покрај Fiesta, која со цената од 13.000 долари ќе ја освојува новата генерација фанови, Ford ја лансираше сосема новата генерација на Focus, кој во седан и хечбек варијантите во продажба ќе се најде доцна годинава. Тука може виртуелно да го вброиме и концепт кросоверот Beachcomber, кој со својата лефтерна појава треба да го најави претстојниот Mini Countryman.


Toyota FT-CH


Cadillac XTS Platinum

На спротивната страна, цврсто во рововите на конзервативците, се позиционираат петлитарскиот Ford Mustang GT со 412 коњски сили, 556-коњското купе Cadillac CTS-V и перформансната GS верзија на Buick Regal, која патувајќи преку Атлантикот, од својот европски донатор Insignia OPC го загуби V6 моторот, за кого беше најдена замена во четирицилиндричниот 2,0 литарски турбо Ecotec со директно вбризгување со 255 коњски сили.

Европските производители коалиционо настапија со четвртата каросериска верзија на Е класата на Mercedes, како замена за кабриолет варијантата на CLK, моќната sDrive35is верзија на BMW Z4 со 3,0 литарски, твин-турбо шестцилиндричен мотор со 340 KS и новата луксузна лимузина со спортски дух Audi A8, која беше препозната како најдобар нов модел на годинешниот салон во Детроит.

Под превезот на кризата, топ имињата како Ferrari, Lamborghini, Morgan, Spyker и Rolls-Royce, годинава полуофицијално настапија издвоени во галеријата на луксузниот MGM Grand Detroit хотел, за каде се плаќаше посебна влезница - смелост да се вмешаат меѓу пообичните собра само Maybach, a Lexus, Bentley, Maserati и Corvette ги имаше и таму, и таму.


Chevrolet Aveo RS


GMC Granite

За разлика од нив, Chrysler како да го немаше - не одржа прес конференција затоа што освен специјалните варијации на постоечките модели, немаше ништо ново, а за покажаната Lancia Delta со маска од Chrysler велеа дека не е планирана за производство во САД, туку само да ги демонстрира потенцијалите на алијансата со Fiat. Необјасниво висок интерес привлече и Denali едицијата на GMC Acadia, која треба посериозно да му конкурира на обновениот кросовер Lincoln MKX, со кој Ford покажува дека може да понуди нови особености на ентериерот кои не се среќаваат никаде на друго место. И Toyota во третата генерација на миниванот Sienna понуди особености што ги нема на друго место, како што се иновативните ротирачки Auto Access Seat седишта, први од ваков вид фабрички вградени на северноамериканскиот пазар, со кои значително се олеснува пристапот на луѓето на кои им е потребна помош.

И уште: Mercedes скришно го покажа обликот на наредната генерација CLS, Bentley се перчеше со Mulsanne, Kia и Hyundai настапија многу оптимистички, Fiat ангажираше најатрактивни хостеси, Land Rover се врати, но не и Suzuki, Infiniti и Porsche, а ги немаше ниту Brilliance и Fisker.


Ford Focus


Mini Beachcomber

Американски топ 10 за 2009 година

модели 2009 2008 +/-
  1. Ford F 413.625 515.513 -19,8%
  2. Toyota Camry 356.824 436.617 -18,3%
  3. Chevrolet Silverado 316.544 465.065 -31,9%
  4. Toyota Corolla/Matrix 296.874 351.007 -15,4%
  5. Honda Accord 290.056 372.789 -22,2%
  6. Honda Civic 259.722 339.287 -23,5%
  7. Nissan Altima 203.568 269.668 -24,5%
  8. Honda CR-V 191.214 197.279 -3,1%
  9. Ford Fusion 180.671 147.569 +22,4%
10. Dodge Ram 177.268 245.840 -27,9%
марки 2009 2008 +/-
  1. Toyota 1.496.211 1.843.669 -18,8%
  2. Ford 1.440.653 1.680.321 -14,3%
  3. Chevrolet 1.338.612 1.790.519 -25,2%
  4. Honda 1.045.061 1.284.261 -18,6%
  5. Nissan 689.014 838.361 -17,8%
  6. Dodge 522.686 784.113 -33,3%
  7. Hyundai 435.064 401.742 +8,3%
  8. Kia 300.063 273.397 +9,8%
  9. GMC 253.053 361.739 -30,0%
10. Jeep 231.701 333.901 -30,6%

фото галерија (кликнете на сликата за поголема):


BYD e6

BYD F3DM

Nissan Leaf

Mitsubishi i-MiEV

Mini E

BMW ActiveE

Fiat 500 EV

Chevrolet Volt

Hyundai Blue-Will

Chevrolet Spark

Chevrolet Cruze

Ford Mustang GT

Cadillac CTS-V Coupe

Buick Regal GS

Mercedes E Cabrio

BMW Z4 sDrive35is

Audi A8

Chrysler Delta

GMC Acadia Denali

Lincoln MKX

Mercedes CLS

Subaru Hybrid Tourer

Revenge Verde Supercar

Saba Motors Carbon Zero Roadstar

Ev Wave II

ZAP alias

CT&T Multi Amphibious Vehicle

CT&T Police EV

CT&T Square

Commuter Cars Tango
назад кон вестите од оваа категорија










корисни информации

ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ


температура: --°C
влажност: --%







анкета

Колку километри годишно поминувате со вашиот автомобил?







Погледни резултати и минати анкети