Објавено на: 13.01.2010
Концептуално наречена New Compact Coupe, новата верзија на Jetta, чиј изглед и механика и ќе бидат имплементирани и кај седан и караван варијантата, ќе се произведува во Пуебла, Мексико. Причината за нејзиното појавување е јасна - Scirocco не се нуди во САД бидејќи ќе го загрози Golf, што не значи дека Jetta Coupe нема да се извезува и на други пазари каде има пазарно место за вакви возила. Сите три верзии на Jetta ќе се најдат во американската понуда на VW кон крајот на годинава и почетокот на следната.
Од покажаното во Детроит се гледа дека двовратното купе веќе е подготвено за производствените ленти. Од седан верзијата ќе се разликува по неколку детали, меѓу кои и вратите без рамки на стаклата, како кај Passat CC. Концептот покажан на салонот имаше хибридно срце составено од 1,5 литарски TSi мотор со 150 KS и 20-киловатен електромотор интегриран во трансмисијата која вклучува и седумстепен DSG менувач. И покрај скромниот капацитет на литиум јонските батерии од 1,1 kWh сместени во подот од багажникот, хибридната Jetta ќе има можност кратко да се движи само на електричен погон, при што бензинскиот мотор нема да работи и физички ќе биде раздвоен од спојката. Прелиминарните бројки велат дека Jetta Hybrid ќе постигнува 227 km/h, ќе забрзува до 100 km/h за 8,6 секунди, ќе троши 4,2 литри на 100 km и ќе испушта 98 g/km CO₂. VW планира овој систем од 2014 година да се најде и во понудата на Golf.
назад кон вестите од оваа категорија


















